Гевгелија 8°
Редакција: Гевгелија.мкИспрати тема

Мени на Гевгелија.мк

Редакција:Гевгелија.мкЛокални вести и информации
Испрати тема

Болницата во Гевгелија доби целосно опремено амбулантно возило

Извор на фотографијата: Општина Гевгелија
Извор на фотографијата: Општина Гевгелија
  • Во истиот проект амбулантни возила добија и здравствените домови во Струмица, Радовиш и Валандово.

Општата болница со проширена дејност во Гевгелија доби ново амбулантно возило за итни и други медицински транспорти. Возилото, набавено преку програмата за прекугранична соработка со Грција, е официјално предадено и ќе биде ставено во функција на болницата.

Возилото располага со медицинска опрема за згрижување и следење на здравствената состојба на пациентите. Според Општина Гевгелија, се очекува да придонесе за поквалитетна здравствена услуга и поголема функционалност при медицинските транспорти.

Набавката е реализирана преку проектот „HEART SAFE CBA – Towards a Cross-Border Area Safe for the Heart“, во партнерство со Центарот за развој на Југоисточниот Плански Регион и гевгелиската болница. Проектот се спроведува преку програмата Interreg VI-A IPA Македонија – Грција 2021–2027, со финансиска поддршка од Европската Унија и националните фондови. Нови, целосно опремени амбулантни возила добија и здравствените домови во Струмица, Радовиш и Валандово.

Партнери на проектот се Центарот за развој на Југоисточниот Плански Регион, Универзитетската болница АХЕПА од Солун и Здружението за итна предболничка нега на Грција. На примопредавањето присуствуваа градоначалникот Андон Сарамандов, претседателката на Советот на Општина Гевгелија Анета Стамкова, директорот на Центарот Јован Коцев и директорот на болницата Патрик Матх.

Сарамандов ја оцени набавката како придобивка од европските фондови и институционалната соработка. Тој рече дека очекува возилото да придонесе за навремена и поквалитетна медицинска помош за граѓаните и подобри услови за работа на медицинскиот персонал.

Како примери од досегашната соработка со Грција и Бугарија, градоначалникот ги наведе реконструкцијата на Старото училиште во село Серменин, изградбата на нов парк во Гевгелија на површина од 20.000 квадратни метри и уредувањето на конференциската сала во Пионерскиот дом. Овие проекти се реализирани или се во тек.

Според Општината, преку истите програми поддршка добиле и набавката на електрично возило за лица со попреченост, поставувањето фотоволтаична централа во ООУ „Крсте Мисирков“ и инсталирањето електричен полнач со моќност од 120 kW. За здравствените установи и јавните локации биле обезбедени и два дефибрилатора, како и нов ЕКГ-апарат.

Имате дополнителна информација или забелешка за текстот? Контактирајте ја редакцијата.

Коментари (0)

Коментарите за оваа објава се затворени.